Брендот за брза храна Burger King склучи партнерство со дигиталната финансиска платформа Robinhood и на своите американски фанови ќе им „сервира“ прилог од криптовалути со нивните оброци.
Клиентите кои ќе потрошат 5 или повеќе долари преку мобилната апликација на Burger King или пак во некој од рестораните на брендот, ќе имаат можност да добијат подарок во форма на криптовалутите Bitcoin, Ethereum и Dogecoin.
Очекувано, најчестиот подарок ќе биде во форма на доџкоини, но оние посреќните ќе имаат можност да добијат и биткоин или етереум. Акцијата ќе трае до 21 ноември и за нејзина реализација Burger King има обезбедено 20 биткоини, 20 етереум-коини и 2 милиони доџкоини.
За да ја примат наградата, потрошувачите ќе мора да креираат профил на Robinhood, доколку веќе немаат. Секоја индивидуа ќе може да добие по само една награда на ден.
„Криптовалутите се жешка тема на муабет во последно време, но знаеме дека можат да бидат тешки за разбирање. Затоа се одлучивме на нашите гости да им ги претставиме на начин кој е лесно достапен и сварлив, буквално и метафорично – преку нашето јадење“, истакнуваат од Burger King по повод кампањата.