Официјалниот Твитер профил на Burger King во Обединетото Кралство на Маѓународниот ден на жената (8 март) напиша „Жените припаѓаат во кујната“ („Women belong in the kitchen“). Овој твит потоа беше проследен со дополнение во форма на нов напис – „Доколку тоа го сакаат, се разбира“ (“If they want to, of course“), при што компанијата ја објасни својата намера да нуди стипендии за жени кои сакаат да станат готвачи со цел да се намали нееднаквата застапеност на половите во угостителскиот и кулинарски сектор.
Очекувано, без разлика на дополнението и објаснувањето, оригиналниот твит на Burger King предизвика лавина од негативни реакции од корисниците на социјалните медиуми. Во дискусијата се вклучија и светските медиуми. Washington Post објави дека твитот не е случајна грешка на некој практикант во Burger King, туку осмислена порака која се нашла и како печатена реклама во New York Time.
Burger King во часовите после објавувањето на твитот не се откажуваше од неговата порака, одговарајќи на повиците за негово бришење дека немаат намера да го сторат тоа, бидејќи привлекол значајно внимание кон проблемот за застапеноста на жените во индустријата и кон нивната иницијатива за доделување стипендии на жени-готвачи.
Сепак, на крајот, Burger King попушти и го избриша твитот, објавувајќи официјално извинување што пораката била примена на погрешниот начин, иако тоа не било оригиналната намера. Компанијата ја повтори уште еднаш својата заложба за стипендираање на жени во кулинарскиот сектор.
Според изјава на претставник од компанијата дадена за Washington Post, секоја поединечна стипендија ќе изнесува 25,000 долари во САД, а слични програми ќе бидат воспотавени за Обединетото Кралство и Мексико.