Доколку слушате електронска музика, голема е веројатноста дека сте наишле на миксовите на Cafe De Anatolia – продуцентска и издавачка куќа позната по комбинацијата на модерни и длабоки електронски битови со традиционална музика од Балканот и Блискиот Исток.
Брендот има милионски број на следбеници на социјалните мрежи, пред сè на видео платформата YouTube, од каде имаат добиено дури 31 награда – 3 златни плакети за над милион претплатници и 28 сребрени плакети за над 100.000 претпланици. Со тоа, Cafe De Anatolia има поставено рекорд на YouTube како прва издавачка куќа со толкав број на награди.
Иако брендот е светски познат, она што е помалку познато кај македонската публика е дека се работи за македонски бренд – основан во 2017 година од Зоран Илиев (попознат под псевдонимот Billy Esteban), неговата ќерка Моника Илиева и синот Никола Илиев.
Тие соработуваат со бројни истакнати имиња од светската електронска сцена, издавајќи популарни миксови и компилации со нивната препознатлива Ориентална органска хаус музика. Издавачката куќа исто така има организирано бројни настапи во живо на живописни локации низ светот, вклучувајќи ги Македонија, Грција, Србија, Турција, Италија, Романија, Австрија, Русија, Мароко, Тунис, Саудиска Арабија и многу други.
Во областа на адвертајзингот, интересно е да се истакне дека Cafe De Anatolia е првиот македонски бренд кој го закупил најголемиот дигитален билборд на Тајмс Сквер во Њујорк – висок 20, а широк 10 метри. Билбордот прикажувал неверојатни визуелни содржини кои ја одразуваат суштината на брендот – спој на светски култури, модерни звуци и безвременски традиции, проследени со електронски ритми кои источномедитеранската култура ја пренесоа во срцето на западната хемисфера.
Успехот на Cafe De Anatolia беше препознаен и од страна на популарниот бизнис магазин Forbes, па така основачите Моника Илиева и Никола Илиев во 2022 и 2023 година беа дел од Forbes Business Council – ексклузивна организација која обединува успешни млади претприемачи и бизнис лидери од целиот свет.
Авторот на текстов редовно се релаксира и инспирира со ритмите на Cafe De Anatolia, благодарение на кои научи и неколку помалку познати традиционални македонски песни, па најтопло ја препорачува нивната музика на сите читатели и следбеници на добрите вибрации. :)