Дигиталниот колаж на Бипл е продаден на аукција за 69,3 милиони долари, објави аукциската куќа Кристи. Ова е трета највисока цена постигната од жив уметник на аукција; само Џеф Кунс и Дејвид Хокни досега добија повеќе
Дигиталниот колаж „Секојдневие: Првите 5000 дена“ беше продаден од аукциската куќа Кристи на онлајн аукција која што траеше од 25 февруари до 11 март. Тоа е првото целосно дигитално уметничко дело продадено од оваа голема аукциска куќа.
Бипл е Мајк Винкелман, 39-годишен графички дизајнер од Чарлстон, Јужна Каролина. Тој се истакна со бизарни, понекогаш гротескни карикатури на политичари, икони на поп-културата и светски настани, сите објавени на неговиот популарен профил на Инстаграм. Покрај тоа, тој работел и за Џастин Бибер, Кејти Пери, Ники Минаж …
Уметноста на Винкелман веќе привлече бројни купувачи во длабок џеб. На пример, во декември минатата година, на аукција на 21 поединечни изданија, вклучително и илустрација од Том Хенкс – собрани се 3,5 милиони долари.
Делото на Бипл беше продадено како NFT или незаменлив токен. Единствени и неделиви, овие дигитални датотеки функционираат како траен запис на автентичност и сопственост, спречувајќи преземање и копирање на одредени дела.
Купувачот на колажот добива шифрирана датотека како доказ за поседување на уметничкото дело и таа трансакција останува трајно евидентирана во блокчејн. Бидејќи сите блокчејн трансакции се видливи за јавноста, артиклите купени на овој начин не можат лесно да се „украдат“ и нелегално да се дистрибуираат.
Дигиталниот колаж е составен од 5.000 дигитални уметнички дела на Винкелман, кои тој ги создавал секој ден во период од 13 години, од 1 мај 2007 година до 7 јануари 2021 година.
Во посебна изјава за аукциската куќа Кристи, уметникот вели дека верува дека светот на уметноста наскоро ќе биде сведок на експлозија на нови уметнички дела и нови колекционери заинтересирани за дигиталната уметност.