Во јули, модниот бренд Chanel објави дека повторно ги зголемува цените на своите луксузни торби/чанти од 9% до 15%, па и повеќе, во зависност од моделот. Сега, компанијата најави уште поексклузивни промени, воведувајќи ограничувања во својата продажна политика.
Имено, потрошувачите ќе можат да купуваат само една луксузна Chanel торба во текот на една година. Во однос на другите производи од кожа, потрошувачите ќе бидат ограничени на само две парчиња годишно.
Додека дел од купувачите сигурно ќе бидат одвратени поради повисоките цени, проценките се дека новите правила за ексклузивност сепак ќе ја зголемат побарувачката за луксузните производи на брендот.
Од друга страна пак, други веруваат дека сето ова ќе придонесе за поголема препродажба на производите на Chanel, со потенцијална можност за претходните сопственици да ги продаваат своите Chanel производи за уште поголема цена од онаа по која оригинално ги купиле.