„Човечката библиотека“ или “Menneskebiblioteket” на дански, е проект кој на посетителите т.е. читетелите им го нуди знаењето и искуството на човечки суштества како „книги“, сé со цел надминување на дискриминацијата и социјалните стереотипи.
Оригинално отворена како дел од годишниот музички фестивал Roskilde, „библиотеката“ се покажала толку успешна и популарна, што нејзината работа била продолжена и подолго од планираното.
Според организаторите, нејзината цел е да „помага во создавањето на поинклузивни и покохезивни заедници преку културни, религиски, социјални и етнички разлики“. Во безбедна и контролирана средина, волонтерите т.е. „книгите“ можат да ги раскажуват своите животни приказни на посетителите т.е. „читателите“.
Насловите на „книгите“ се директни: „Алкохоличар“, „Преживувач на трговија со луѓе“, „Шизофреничар“ итн. Иако овие наслови можат да се чинат како премногу редуктивни за комплексноста на една личност, тие им овозможуваат на читетелите полесно да изберат тема и да ја запознаат „книгата“ со сета своја комплексност, поширока од првичниот наслов.
Читателите можат да „изнајмуваат книга“ за само половина час по сесија. Тие исто така се охрабруваат да поставуваат секакви прашања, дури и оние кои се сметаат за табу, со цел да научат повеќе за темата која ја избрале.
Проектот од една страна е полезен за читателите, кои добиваат можност да научат и разберат повеќе за темата од интерес, а од друга страна – на волонтерите им нуди можност да се самоизразат, односно да ги споделат своите искуства и чувства како дел од нивното ментално справување со проблемите кои ги доживеале или ги живеат.
Сé на сé, организаторите се надеваат дека проектот ќе придонесе за намалување на дискриминацијата, спречување на конфликти и поголема човечка кохезија.