Компаниите „Кока-Кола“ и „Пепси“, двата најголеми продавача на пластични шишиња со пијалак, решија да го напуштат лобито на производители на пластика, објави Си-ен-ен.
И двете компании за безалкохолни пијалаци работат на зголемување на употребата на еколошки прифатлива пластика, односно сакаат да ја подобрат својата инфраструктура за рециклирање и да се осигураат дека користат производи кои може да се рециклираат.
Всушност, производителите не се согласуваат со кампањата на Здружението од индустријата за пластика поради што во Соединетите Држави забраната на пластика е прогласена за незаконска.
“Здружението зазема ставови што не се во целост во согласност со нашите обврски и цели“, објави минатата недела „Кока-Кола“ истакнувајќи дека компанијата се повлекла од групата претходно годинава. „Пепси“ коментира дека му се приклучиле во Здружението за да научат за иновациите во однос на кружната економија на пластиката, но тоа не било случај.
„Прекинувањето на соработката со Здружението од индустријата за пластика е знак дека компаниите сфаќаат оти не може јавно да промовираат свест за животната средина додека финансиски поддржуваат здружение што лобира за континуирана примена на пластика за еднократна употреба“, изјави Џон Хочевар, директор на „Гринпис САД-океани“.
Кока-кола во 2017 година произведе 3,3 милиони тони пластика, а таквите податоци за Пепси сè уште не се достапни. Двете компании се обидуваат да најдат начини да ја намалат употребата на пластиката за еднократна употреба и да го зголемат рециклирањето. Тие, исто така, истражуваат алтернативи за пластичната амбалажа, како што алуминиумските, кои се полесни за рециклирање.