Брендот за безалкохолни пијалаци Coca-Cola минатата година ја лансираше својата платформа Creations, преку која претстави неколку лимитирани серии на пијалаци со необичен вкус: „на космосот“, „на соновите“, „на пикселите“ итн. Сега, пак, компанијата тврди дека го создала „најхрабриот и највпечатлив вкус на Coca-Cola Creations досега“, и тоа во соработка со шпанската пејачка и Греми-добитничка, Росалија.
Пијалакот е именуван како Coca‑Cola Move и треба да има вкус на „трансформативната моќ на музиката“. „Трансформацијата како средство за самоизразување е моќна и резонира со денешната генерација, а музиката е универзален јазик за трансформација“ – посочи Оана Влад, виш директор за глобална стратегија во The Coca-Cola Company.
Од нејзините почетоци како класично обучена фламенко танчарка во Шпанија, до нејзиниот подем како глобална поп ѕвезда, Розалија ги има надминато границите и жанровите во музиката, модата и многу повеќе.
Па така, новиот пијалак Coca‑Cola Move се одликува со впечатлив дизајн на пакувањето, опфаќајќи ги контрастите на нејзината уметничка личност – од живописна розова инспирирана од нејзината разиграност и креативност, до минималистичко црно што ја претставува нејзината смела елеганција. Притоа, иконичниот фонт на Coca-Cola преоѓа во скици што ги цртала самата Росалија за време на креативна работилница, кога го вкусила новиот пијалак.
Росалија неодамна објави нов сингл насловен „LLYLM“, кој што е инспириран од Coca-Cola Move и го отелотворува концептот на трансформација преку надминување на жанровските граници. Глобално објавена од Columbia Records, песната е прва за пејачката по тоа што содржи и повеќе јазици, вклучително и еден целосен сегмент на англиски јазик.
Лименките и шишињата на Coca-Cola Move вклучуваат и QR-код кој што служи како портал до Центарот за креации на Coca-Cola каде што обожавателите ќе можат да најдат повеќе кинематични искуства: екслузивни содржини од снимањето на новито сингл на Росалија; квиз преку кој обожавателите ќе добијат персонализиран 3D аватар инспириран од метаверзумот и плејлиста врз основа на нивните одговори; како и музичко видео кое ги слави сите верзии на уметникот со инкорпорирање на фотографски секвенци и анимација.
Ова е само почеток на новата година за платформата Coca-Cola Creations, така што брендот ветува нови уникатни иновации и неочекувани соработки во месеците што претстојат.