М365: Што е она што ќе Ви остане во сеќавање од 2018 година а е поврзано со работата на Вашата агенција?
Па сметам дека имавме одлична година во која реализиравме повеќе квалитетни кампањи. Можеби најмногу би го издвоил лансирањето на Стоби Флипс, со кое го добивме првиот македонски бренд во вселената, проект што бараше сериозен труд при реализацијата.
Дополнително сум среќен и со кампањите за Неотел, од кои една влезе во финалистите на Голден Драм фестивалот во Порторож. Ме радува и што сите кампањи кои ги направивме оваа година резултираа со одлични продажни резултати кај клиентите, што потврдува дека сме успеале да направиме супер комбинација од забележлива креатива и прецизно поставена стратешка комуникација.
М365: Како ја оценувате работата на домашните креативни агенции? Кои кампањи од конкурентските агенции ви оставија позитивен впечаток?
Па, со оглед на тоа дека во текот на кариерата имам работено во повеќето од нив, неблагодарно би било да критикувам бидејќи речиси “од прва рака” знам кои се проблемите со кои сите ние се соочуваме секојдневно:) Тука мислам на релативно ограничени буџети, куси рокови и низа други ситници кои бараат итри импровизации. Но, и покрај тоа сметам дека од сите поголеми агенции излегуваат квалитетни кампањи.
М365: Кои светски кампањи од 2018 година го привлекоа Вашето внимание?
Па не знам дали би можел да издвојам само неколку, меѓутоа она што најмногу го забележав е дека речиси сите најдобри кампањи годинава содржат совршена комбинација на технологија и содржина. Во смисол дека многу фантастични идеи пред само десетина години не би било возможно да се реализираат поради непостоење на технологија која би ги поддржала.
Уште поважно можеби е, дека речиси сите кампањи кои освоија награди на најголемите фестивали оваа година имаат одредена функција која резултира со конкретни промени во средината за која е наменет. За разлика од некој претходен период во кој, условно кажано, доминирала естетиката, живееме и работиме во период во кој адвертајзингот/комуникацијата многу повеќе од претходно станува алатка која служи како општествен коректор, што е супер.
М365: Кои се Вашите желби за нашата креативна индустрија во годината што претстои….што би им порачале на Вашите колеги?
Тука би го цитирал Двајт Шрут: “Кога и да помислите да направите нешто, најпрво запрашајте се дали идиот би го направил тоа. И доколку одговорот е да, тогаш не го правете”.
Исто така, мислам дека не би имал успешна кариера како мотивациски говорник.