Новата видеоигра “Asgard’s Wrath 2”, создаена во соработка со Sanzaru Games и наменета за играње преку хедсетот за виртуелна реалност Meta Quest, се промовира преку повеќеканална кампања која ги носи чудовиштата од нордиската митологија во реалниот свет.
Играта беше официјално лансирана на 15 декември, а приказната го следи богот-престапник Локи кој предизвикува хаос низ световите, преоѓајќи од едно во друго ниво на постоење со помош на космички портали.
Промоцијата на видео играта ќе биде насочена кон воведување на фантастични елементи од виртуелниот во физичкиот свет, преку поставување на искуствени реклами кои намерно го нарушуваат текот на избрани спортски и културни настани.
Досегашните активности вклучуваа прекин на кошаркарски натпревари во НБА лигата, како и поставување на „космички портал“ од 300 квадратни метри пред салата во која се одржуваше “The Game Awards” – еден од најголемите настани во индустријата за видео-игри.
За време на кошаркарски натпревар помеѓу тимовите на Голден Стејт Вориорс и Феникс Санс, официјалниот пренос во живо на телевизијата ESPN беше накратко прекинат со цел да се „предупреди“ публиката дека е отворен „мистериозен портал“ веднаш пред спортскиот центар во Феникс.
Кампањата продолжува да се развива на разни локации ширум САД, под раководство на креативната агенција BBDO New York.