Британската телевизија Channel 4 е основан во 1982 година од страна на британската влада како уреднички независен медиум кој треба да биде културна алтернатива на етаблираните BBC и ITV.
Скоро 40 години подоцна, британската влада уште во јуни ја најави можноста за приватизација на телевизијата, отпочнувајќи 10-неделна јавна расправа по однос на прашањето, која завршува денес. Кој ќе биде конечниот резултат, останува да видиме.
Channel 4 моментално е во јавна сопственост, но се финансира комерцијално, односно најголемиот дел од приходите ги добива од огласување. Од друга страна, поради тоа што е јавна телевизија, нема обврска да прави добивка и да дели дивиденди на своите акционери, вложувајќи ги сите средства во продукција.
Притоа, таа продукција целосно се остварува со помош на приватни продукциски куќи, така што Channel 4 ефективно вложува милиони фунти во британската креативна индустрија секоја година.
Најголем поборник за приватизацијата на телевизијата беше неодамна сменетиот британски министер за култура Оливед Доуден, според кого Channel 4 мора да се приватизира ако сака да одржи чекор со големите стриминг сервиси како Netflix и Amazon Prime кои ја загрозуваат традиционалната телевизија.
Од друга страна, поголемиот дел од гласната јавост, вклучително и водството на самата телевизија, се против опцијата за приватизација.