Пред два дена, на 26 јули 2023 година, во просториите на американскиот конгрес се одржа седница на Поткомисијата за национална безбедност, граници и надворешни работи, како дел од Комисијата за надзор и одговорност. Она што ја прави оваа седница поразлична од другите е фактот што се работеше за сослушување поврзано со можното поседување од страна на американските власти на материјални остатоци од „нечовечко“, односно вонземско потекло.
Пред присутните когресмени и сенатори, новинари и други чинители, се најдоа тројца луѓе кои сведочеа под заклетва: пензионираните воени пилоти Дејвид Фрејвор и Рајан Грејвс, како и разузнавачот Дејвид Груш.
На 14 ноември 2004 година, командантот Дејвид Фрејвор ја водел својата единица пилоти од носачот УСС Нимиц во она што требало да бидат стандардни летечки вежби крај морскиот брег на јужна Калифорнија. При својот лет, единицата на борбени авиони се соочила со летило без крила и видливи знаци на погон, достигнуавајќи неверојатни брзини и исклучителни способности за маневрирање. Во еден момент, американските пилоти доживеале активно блокирање на нивната опрема за следење и таргетирање. Целата ситуација била истовремено следена и документирана од носачот УСС Нимиц и ближниот воен брод УСС Принстон. Случајот за прв пат беше откриен пред јавноста во 2017 година, како сторија на The New York Times. Како реакција на ова откритие, Пентагон и официјално објави некои од видеата поврзани со случајот, а снимени од страна на воените авиони.
Но, ова не било единствениот ваков случај. Како што сведочеше другиот пилот на сослушувањето, Рајан Грејвс, тој и неговите колеги го искусиле истото на источниот брег на САД во повеќе наврати. Најдобро документирани се случаите со авионите од носачот УСС Рузвелт во 2014 и 2015 година, кои исто така беа објавени од The New York Times во 2019 година.
Според двајцата пилоти, моментално во американското воено воздухопловство не постои соодветна процедура за пријавување и документирање на овие случаи, а пилотите кои ќе се одлучат да проговорат јавно за нив се соочуваат со притисоци од своите претпоставени. Во сведочењето беше посочено дека средбите со вакви неидентификувани летала се прилично чести за воените и комерцијални пилоти, а според забележаните перформанси, леталата со голема леснотија би успеале да ги изманеврираат и победат американските борбени авиони доколку дојде до вооружено соочување. Со тоа, целата работа станува проблем од национална безбедност.
Како резултат на овие соочувања, американското Министерство за одбрана во 2017 година формирала Работна група за неидентификувани воздушни феномени, при Канцеларијата за поморско разузнавање, со цел да ги истражува овие неидентификувани летечки објекти, нивните способности и потекло. Тука стапува на сцена третиот сведок, разузнавачот Дејвид Груш, чиј изјави предизвикаа најголемо внимание кај јавноста.
Дејвид Груш е офицер во американската воено воздухопловство, од 2017 до 2021 година бил претставник на Националната канцеларија за извидување во Работната група за неидентификувани воздушни феномени, а од 2021 до 2022 година бил еден од раководителите на истражувањето за неидентификувани воздушни феномени при Националната канцеларија за извидување и нејзин претставик во Националната геопросторно-разузнавачка агенција на САД.
Во 2022 година, Груш поднел барање да стане „свиркач“ до Генералниот инспектор на разузнавачката заедница на САД, со цел да сподели доверливи информации со Комисијата за разузнавање на американскиот Сенат.
Пред повеќе од еден месец, во интервју за News Nation, разузнавачот кажа дека американските власти поседувале остатоци од повеќе рушени неидентификувани летала, но и биолошки остатоци од „нечовечко“ потекло на местата на кои биле откриени тие летала. Тој ги повтори овие тврдења за време на сведочењето во Конгресот завчера, додавајќи дека американските власти дошле во контакт со овие летала уште во 1930-те години и дека постојат групи во воениот и разузнавачкиот сектор кои ги сокриваат овие информации од јавноста и избраните претставници на политичкото водство на нацијата – спротивно на законот.
Ова беше иницијално сослушување, а според најавите ќе следуваат уште неколку. Поради доверливата природа на информациите, Груш побара затворено сведочење со претставниците на Конгресот со цел да може да ги презентира сите сознанија и докази за своите тврдења, поради кои може да заврши во затвор доколку го објави јавно и надвор од соодветната правна процедура.
Присутните конгресмени и сенатори се заложија дека ќе го продолжат истражувањето на овие неидентификувани летечки објекти. Тие го изразија своето незадоволство од нетранспарентноста на воените и разузнавачки агенции во однос на проблемот, наласувајќи дека таквото однесување е неприфатливо и потенцијално проблематично за националната безбедност.
Настанот предизвика големо внимание кај американската и меѓународната јавност, а се чини дека нема да биде последен на оваа тема. Останува да го следиме развојот на случувањата и да очекуваме разрешување. Некој лаже, но кој – ќе покаже времето.
Целосното сослушување можете да го проследите во продолжение: