„Не прикривај. Пред другите…И пред себе.
Зборувај отворено за твоите проблеми, во сигурна средина.
Тука сме за тебе“
Ова е пораката упатена до жените кои преживуваат родово-базирано насилство од страна на Организација на жените на општина Свети Николе и НВО КХАМ Делчево, со која ги повикуваат да побараат бесплатна психо-социјална и правна помош од нивните стручни тимови на www.tukasmezatebe.mk
Кампањата е реализирана во соработка со The Kvinna till Kvinna Foundation и Коалиција Маргини и има за цел пред сè да ја истакне важноста и потребата од психо-социјална помош кај жените кои преживуваат родово-базирано насилство.
Од организациите велат дека жените кои преживуваат родово-базирано насилство се соочуваат со големо чувство на страв и срам поради кое не можат да видат излез од ситуацијата во која се наоѓаат. Стигматизацијата и предрасудите во општеството се дополнителна причина за молк.
Преку разговор и советување со стручни лица тие може да ја добијат потребната поддршка и разбирање и заедно со организациите да дојдат до решение на проблемите со кои е тешко да се борат сами.
Покрај психо-социјалната поддршка, организациите нудат и бесплатна правна помош.
Лицата кои се соочуваат со каква било форма на родово-базирано насилство може да побараат помош на www.tukasmezatebe.mk или да остварат директен контакт на:
+389 33 413 695 Невладина организација „КХАМ“ Делчево
+389 32 444 620 „Организација на жените на општина Свети Николе“