Најдобрите фудбалски репрезентации ќе ги одмерат силите на претстојното Светското фудбалско првенство во Катар, кое започнува на 20 ноември 2022, а по тој повод повеќето од нив веќе ги објавија дресовите со кои ќе настапат на светската сцена.
Вообичаено, репрезентативните фудбалски дресови имаат за цел да испратат порака на национална гордост, традиција, културно наследство, национални идеали и слично. Меѓутоа, репрезентацијата на Данска се одлучи за еден сосема поразличен пристап: да протестира против организаторот Катар и нивното наводно нарушување на човековите права.
Данската фудбалска асоцијација (DFA) и спортскиот бренд Hummel создадоа серија на дресови во една боја и без впечатливи, шарени детали.
Дресови доаѓаат во црвена боја за домашните натпревари, бели за гостински натпревари и една специјална црна верзија за протест. Сите логоа на опремата, вклучувајќи ги и шевроните на Hummel и брендирањето, се монохроматски за да се намали нивната видливост. Односно, Данска избра да се натпреварува со „пригушена“ и „невидлива“ опрема.
Од Hummel посочиле дека и покрај љубовта кон спортот, тие не ги оправдуваат проблемите со човековите права што се појавија во земјата-домаќин и како бренд не сакаат да бидат видени за време на натпреварите што се одржуваат во Катар.
Британскиот весник The Guardian објави дека околу 6.000 работници загинале за време на изградбата на стадионите, откако Катар ја доби кандидатурата за домаќин на овогодишното првенство во 2010 година. Меѓутоа, од светската фудбалска асоцијација ФИФА велат дека таа бројка е неточна и дека „само“ 37 работници починале за време на изградбата на стадионите.
Во секој случај, Данска се одлучи да им одаде почит на загинатите со својот црн дрес, кој ќе го носи на еден од своите натпревари. Катарските власти им одговориле дека ваквиот протест ги банализира нејзините напори да обезбеди безбедна средина за своите работници.