Со влезот на популарни цртани ликови како Вини Пу и Мики Маус во сферата на „јавната сопственост“ (public domain), тие веќе се соочуваат со адаптации и ситуации за кои нивните творци никогаш не би ни помислиле. За една деценија, истото ќе се случи и со најпознатите ликови од стриповите на DC Comics, и тоа Супермен, Бетмен, Џокер и Вондер Вуман.
Имено, според актуелната правна регулатива во САД, оригиналната верзија на Супермен треба да влезе во јавна сопственост во 2034 година, потоа Бетмен во 2035 година, па Џокер во 2036 година и Вондер Вуман во 2037 година. Иако може да се чини дека една деценија и долго време, нивните интелектуални сопственици од DC Comics и Warner Bros веќе се подготвуваат за неизбежното.
Оваа тема неодамна ја начнаа американските магазини Variety и Gizmodo, кои заклучуваат дека издавачката куќа континуирано ги еволуира книжевните и визуелните карактеристики на нејзините ликови, осигурувајќи се дека тие остануваат релевантни и резонираат со современата публика. На тој начин, тие сакаат да ја задржат контролата врз тоа како „автентичната верзија“ на овие ликови се перцепира од страна на јавноста, поставувајќи го стандардот за тоа кои се нивните „автентични“ обележја.
Па така, иако самите ликови може да влезат во јавна сопственост, некои од најзначајните обележја, функции и придружни елементи поврзани со нивниот лик или приказна ќе останат во сопственост на издавачката куќа, барем уште некое дополнително време. Преку постојаното додавање на нови обележја и аспекти, издавачките куќи ја задржуваат контролата врз „актуелната“ верзија на конкретниот суперхерој.
На пример, кога оригиналната верзија на Супермен ќе влезе во јавна сопственост, тоа ќе биде без неговата способност за летање, бидејќи таквата способност му била доделена во подоцнежни изданија т.е. подоцнежни верзии на неговиот лик, кои допрва ќе треба да влезат во јавна сопственост. Истото важи и за минералот криптонит – неговата најголема слабост. Во случајот на Бетмен, пак, кога тој ќе влезе во јавна сопственост, нема да биде придружен и од неговиот најверен помагач Робин.
Издавачката куќа DC Comics исто така ќе се потруди да ја задржи контролата врз официјалниот промотивен материјал поврзан со споменатите суперхерои, кој носи големи приходи за компанијата, преку заштитени трговски марки како нивните соодветни симболи (лилјакот на Бетмен, буквата S на Супермен) или алтернативни имиња и прекари („The Dark Knight“, „The Man of Steel“ и слично).