Минатата недела, како одговор на граѓанските нереди кои се случуваат во САД, американскиот претседател Доналд Трамп напиша на социјалните мрежи дека: „Кога почнува крадењето, ќе почне и пукањето“, во обид да ги обесхрабри насилните протестирачи.
Социјалната мрежа Твитер ја обележа пораката како насилна и ја тргна од тајмлајн, така што треба да се притисне на едно дополнително копче за да може да се прочита. Ова беше очекуван потег од Твитер кој веќе некое време се наоѓа во одворена вербална војна со Трамп, откако ги обележа неговите коментари против гласањето по пошта на претстојните претседателски избори како „дезинформации“.
Од друга страна, слично како и во случајот со коментарите за гласањето по пошта, социјалната мрежа Фесјбук и особено нејзиниот генерален извршен директор Марк Зукерберг се одлучија да не превземат никаква акција против наводно насилната порака на Трамп.
Зукерберг напиша дека иако имал „висцерална негативна реакција“ кон коментарот на претседателот, тој сепак не ги крши правилата на Фејсбук и нема да биде цензуриран.
Ваквата одлука наиде на неодобрување кај дел од вработените на Фесјбук, кои се одлучија да протестираат против компанијата преку еден заеднички ден на отсуство од работа. Имајќи во предвид дека сите вработени на Фејсбук поради пандемијата работаат од домашни услови, протестот беше реализиран така што во понеделникот тие останаа офлајн.
„Цензурирањето на информации кои можеби ќе им овозможат на луѓето да ја погледнат целосната слика е погрешно. Но давањето на платформа за поттикнување насилство и дезинформации е неприфатливо, без разлика кои сте и дали е таа порака вредна за вести. Јас не се согласувам со ставот на Марк и ќе се трудам работите да се променат,“ напиша на Твитер еден од дизјанерите на Фејсбук.
Минатата недела, претседателот Трамп потпиша извршната наредба со која се зголемува надлежноста на владата во регулацијата на социјалните мрежи. Наредбата доаѓа по долгогодишни обвинувања насочени кон социјалните мрежи од страна на конзервативните гласноговорници дека социјалните платформи ги цензурираат десничарските мислења.