Како што објавивме на Маркетинг365 уште пред неколку месеци, македонскиот телевизиски етер од денеска ќе биде збогатен со уште една нова тв станица – ТВ Нова.
Точно во 19:00 часот треба да биде означен почетокот на работата на новата телевизија чиј сопственик е бизнисменот Сеад Кочан.
Главен и одговорен уредник ќе биде Билјана Василева-Трендафилова, а нејзини заменици Љубиша Николовски, Анита Петровска и Гоце Михајлоски.
Како што истакнува Трендафилова во нејзиното интервју за Утрински весник : “Концептот на ТВ Нова се темели на идејата гледачите да добиваат многу повеќе од обични вести, односно телевизијата да функционира како еден вид на арена, каде што ќе има простор да се слушнат многу различни ставови, уште повеќе анализи и дебати, што на гледачите ќе им понуди едно сосема ново искуство во поглед на вестите.“
Новиот медиум е опремен со најсофистицирана телевизиска опрема и го сочинува новинарски кадар составен од искусни професионалци и млади новинари. Во тимот ќе функционираат и 32 дописници. Договори за соработка и размена на информации се потпишани и со агенциите “Ројтерс“и „Блумберг“.