Пандемијата со која секојдневно се соочуваме влијаеше врз начинот на живот и донесе промени во многу сектори, особено во светот на маркетингот, но се чини дека токму во такви моменти креативноста е и најсилна и тогаш се создаваат кампањи, кои преку одличниот комуникациски микс успеваат да разбудат огромен интерес кај публиката.
Деновиве сме сведоци на маркетинг-кампања што сите ја препознаваме под името Дестинации 0.0, но за која досега знаеме многу малку, а зборуваме навистина многу.
Сега засега, по сè изгледа, се наоѓаме во она што го нарекуваме најавна фаза, во која преку неколку комуникациски канали оние што стојат зад овој проект успеваат да го наметнат Дестинации 0.0 како прашање.
Најавната фаза се фокусира на претпоставки, а сите ние, како и медиумите, инфлуенсерите и сите активни на социјалните мрежи се прашуваат што се крие зад оваа мистериозна дестинација 0.0. Па така, некои го поврзаа со автомобилската индустрија, спортските медиуми со спортска сензација, информативните и забавните портали најчесто со нов светски бренд што пристигнува во Македонија.
Од друга страна, инфлуенсерите беа посуптилни, не погодуваа, само одбројуваа, па оттука, уште толку ја будеа љубопитноста кај следбениците што продолжуваа да бараат одговори за да ја разрешат мистеријата зад Дестинации 0.0.
Пристапот до дестинациите е уште поинтересен затоа што станува збор за дестинации обележани на „Google Maps“, на кои може да се пристапи од секој смартфон. Истите дестинации може да се посетат и физички, па многумина љубопитни новинари и следбеници беа меѓу првите на обележаните места, но, за жал, не успеаја да најдат ништо.
Секако, сето ова е проследено со закупени билборди на кои ја пишува само главната порака, односно Дестинации 0.0, доволно за да ве заинтересира дури и доколку сте тотално надвор од социјалните медиуми.
Во тек е крајната фаза на кампањата, наскоро ќе се случи и големото откривање, со што конечно ќе го дознаеме одговорот на она што сите се прашуваме деновиве, а тоа е „Што се крие зад Дестинации 0.0?“
Од нас само едно големо браво за иновативниот начин на претставување на што и да се крие зад оваа најава. Интересот што го предизвика е навистина голем, а сите знаеме дека голем одѕив значи и успешна кампања.