Глобалните буџети за дигитално огласување ќе се израмнат со буџетите за ТВ реклами во 2019 година.
Главниот boost ќе го направат кампањите на мобилни уреди и социјалните мрежи.
Растот на дигиталниот пазар во наредната 2015 година ќе достигне 163 милијарди долари (или 30% учество во вкупниот адвертајзинг колач), покажуваат податоците на истражувачката единица Магна Глобал која е дел од маркетинг гигантот Интерпаблик Груп. После четири години (во 2019) тој удел ќе изнесува 38% идентично како уделот што ќе отпаѓа на ТВ огласувањето.
– Во следната 2015 година вкупните пари за реклама во целиот свет ќе се зголемат за 4,8% достигнувајќи ниво од 536 милијарди долари – покажуваат податоците на истражувачката компанија.
Прогнозата на Магна Глобал покажува дека интересот на корисниците се дислоцира од екраните на телевизорите кон оние на мобилните уреди.
– Оваа и следната година пресметките покажуваат дека сиот раст на пазарот доаѓа од мобилниот сегмент. Особено кога станува збор за забава дома, смартфоните и таблетите се развиваат многу брзо – коментира Винс Литинг, извршен директор на Магна Глобал, цитиран од Блумберг. Растот на мобилниот маркетинг за изминатава 2014 година изнесуваше неверојатни 72%.
Сепак, буџетите за ТВ реклами се очекува да се зголемат за 3% во наредната и на 6% во 2016 година, дополнуваат од истражувачката фирма.
Според истражувањето на Зенит Оптимедиа пак, средствата за мобилен маркетинг ќе се зголемуваат во просек за 38% секоја година во периодот од 2014 до 2017 година.