За време на празничните денови, семејствата се собираат заедно за да се дружат и забавуваат. Но, често се случува овие собиранки да поминат во тишина, бидејќи сите гледаат во своите мобилни телефони.
Во оваа насока, IKEA Шпанија направи еден интересен експеримент: здружи четири семејства во квиз на елиминицаии во кој треба да одговараат на прашања поврзани со Инстаграм ѕвезди, мемиња и телевизиски емисии. Помладите членови на семејствата поминуваат многу лесно, а и постарите ги поминуваат првите неколку рунди на прашања без поголеми тешкотии.
Но, доброто расположение веднаш се менува кога прашањата стануваат повеќе лични. Првата елеминиција се случува кога Марија знае како се запознал познат пар на јутубери, но не знае како се запознале нејзините родители. Синот на Хесус е елиминират од квизот кога не знае што работи неговиот татко, а самиот Хесус е елиминиран кога не знае што е сонот на неговата сопруга.
Сите учесници се елиминираат еден по еден и навистина станува вознемирувачки фактот колку всушност луѓето знаат малку за нивните семејства. На крајот од експериментот, сите учесници се повикуваат назад за да уживаат во заеднички оброк, но без телефони.
Кампањата, насловена „Дисконектирај се за да се конектираш“ е дело на агенцијата MRM//McCann Шпанија. Како дел од неа, шпанските профили на IKEA на социјалните медиуми ќе бидат офлајн од Бадник, па се’ до Нова Година. Но, тоа не значи дека потрошувачите треба целосно да се исклучат од социјалните медиуми, па затоа бреднот направи и неколку празнични шаблони за мемиња со пораки како „Мојата баба е инфлуенсер“.
IKEA создаде и друштвена игра, насловена „Familiarised“, во која играчите треба да одговараат на лични прашања поврзани со нивните семејства. Играта ќе биде дистрибуирана до сите вработени во IKEA, како и до амбасадорите на брендот. Дигитална верзија на играта ќе биде достапна за сите во Шпанија, но за таа да се активира, играчите најпрвин ќе мораат да ги стават своите мобилни телефони на авионски режим.