После две години, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе биде „одбаниран“ на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм – соопшти матичната компанија Мета.
Мета ќе му дозволи на Трамп да се врати „во наредните недели“, но со „нови заштитни мерки кои треба да го одвратат од повторување на прекршоците“ – напиша претседателот за глобални прашања на Мета, Ник Клег, во блог-пост објаснувајќи ја одлуката.
„Како и секој друг корисник на Фејсбук или Инстаграм, г-дин Трамп подлежи на стандардите на нашата заедница. Во случај г-дин Трамп да продолжи со објавување на содржини кои ги прекршуваат тие стандарди, содржината ќе биде отстранета и тој ќе биде суспендиран од еден месец до две години, во зависност од тежината на прекршокот“ – напиша Клег.
Трамп беше отстранет од платформите на Мета на 8 јануари 2021 година, како резултат на неговите тврдења за изборна измама на тогашните претседателски избори, доведувајќи до немири од страна на неговите поддржувачи кај американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Клег рече дека суспензијата била „вонредна одлука донесена во вонредни околности“ и дека Мета размислувала „дали се’ уште важат такви вонредни околности за да биде оправдано продолжувањето на неговата суспензијата повеќе од првично одредениот период од две години“.
На крајот, компанијата одлучила дека нејзините платформи треба да бидат достапни за „отворена, јавна и демократска дебата“ и дека корисниците „треба да можат да слушнат од поранешен претседател на Соединетите Американски Држави и повторно деклариран кандидат за таа функција“.
„Припадниците на јавноста треба да ја имаат можноста да слушнат што зборуваат нивните политичари – добро, лошо и грдо – за да можат да направат информиран избор пред гласачките кутии“ – заклучи Клег.