После подолга пауза од социјалните медиуми, поранешниот американски претседател Доналд Трамп наводно ги превзема работите во свои раце и ќе лансира сопствена социјална мрежа. Потегот доаѓа после неговата „трајна“ и „временски неопределена“ суспензија од Твитер и Фејсбук.
Информацијата за лансирањето на новата социјална мрежа беше соопштена од страна на Џејсон Милер, претставник нна Трамп и негов портпарол за време на претседателската кампања во 2020 година, во изјава за телевизијата Fox News.
Според Милер, новата социјална мрежа треба да биде готова за „два до три месеци“, ќе биде „голема“, ќе ја „редефинира играта“ и ќе има „десетици милиони“ членови. Подетални информации не беа соопштени.
Не се знае кој е технолошкиот партнер или партнери кои ја развиваат платформата, но според Милер биле остварени „повеќе состаноци на високо ниво“ и дека „на претседателот не му пристапила само една компанија, туку бројни компании“.
За време на владеењето на Трамп, социјалните мрежи се најдоа под голем притисок на американските власти, пред сé во насока на предложените измени на Членот 230 од т.н. Закон за комуникациска пристојност, со чие евентуално донесување социјалните платформи би станале легално одговорни за содржините кои ги постираат нивните корисници.