Во контекст на бројни светски контроверзии за измами во светот на криптовалутите и незаменливите дигитални токени, поранешниот американски претседател Доналд Трамп лансираше сопствена колекција на „дигитални колекционерски картички“.
Порано неделава Трамп ги возбуди своите следбеници кога најави дека наскоро доаѓа „голема објава“, што доведе многумина да шпекулираат дека тој ќе открие дел од своите планови за претстојната претседателска кампања.
Меѓутоа, она што неговите следбеници навистина добија беше колекција на незаменливи токени кои го прикажуваат поранешниот претседател во карикатурно-илустрирани изданија како суперхерој, шериф, астронаут, ловец, голфер итн.
Секоја од овие „колекционерски картички“ се продава по 99 долари, а со купувањето на една картичка, фановите добиваат можност да освојат различни награди во кои е вклучен самиот Доналд Трамп, како што е вечера со него во Мајами, групен коктел во неговата вила во Мар-А-Лаго, разговор преку Zoom и слично.
Најжестоките поддржувачи можат да ја прескокнат механиката на наградната игра и директно да купат 45 токени (во вредност од 4.455 долари), кои ќе гарантираат билет за гала вечера со поранешниот претседател што треба да се одржи во Јужна Флорида.
По лансирањето на колекцијата картички, многу луѓе на социјалните медиуми забележаа дека повеќето од нив наводно не се оригинални уметнички дела, туку се базирани врз постоечки слики на интернет кои се само изменети и кон кои е додаден ликот на Трамп.
Во однос на прашањата за потенцијалната политичка намена на приходите собрани од продажбата на картичките, од компанијата-издавач велат дека тие „не се политички и немаат никаква врска со каква било политичка кампања“.