Пред нешто повеќе од месец прокружи информацијата дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп подготвува нова социјална мрежа, како одговор на неговите суспезии на Твитер и Фејсбук.
Сега пак, екс-претседателот лансираше свој личен блог во стил на социјална мрежа, како дел од неговиот официјален веб-сајт. Блогот пред сé наликува на Твитер – омилената мрежа на Трамп пред тој да биде баниран. Дали ова е социјалната мрежа за која претходно се шпекулираше или е пак само некаква дополнителна работа или најава, останува да видиме.
Блогот насловен “From The Desk of Donald J. Trump” има едноставен дизајн. Лево, како кај сите социјални мрежи, се наоѓа неговата слика, овој пат придружена со копчиња за донирање кон кампањата и претплата кон известувања за новите објави на поранешниот претседател.
Во централна колона се наоѓаат постовите на Трамп, кои може да се скролаат од најскорешната објава до најстарата. Секој пост е обележан со неговото име, како и датум и време на објавување. До секој пост, од десната страна, стојат иконки за споделување на Фејсбук, Твитер и копче во форма на срце кое треба да игра улога на „Лајк“, но засега е нефункционално. Иако Фејсбук и Твитер го имаат банирано Трамп лично, не постои правило кое им забранува на другите корисници да споделуваат негови изјави или други содржини поврзани со него.
Архивата на блогот оди до 24 март. Покрај нефункционалното копче за „Лајк“, на блогот исто така засега не може да се коментира.