Хрватскиот стартап DotMetrics стана официјален аналитички систем за собирање податоци за посетеноста на британските веб-страници. Пазарот на онлајн огласување во Велика Британија вреди 15 милијарди фунти, а овој буџет во голема мера ќе биде распределен токму врз основа на податоците на DotMetrics.
DotMetrics победи на натпреварувањето организирано од страна на UK Online Measurement (UKOM), специјализирана компанија која заради поголема транспарентност на пазарот е основана од најголемите здруженија на издавачи и огласувачи во Велика Британија. На натпреварувањето победи во партнерство со „Ипсос“, една од најголемите светски агенции за истражување на пазарот, а DotMetrics зад себе остави големи играчи на глобалниот пазар за собирање податоци, како што е американскиот comScore.
Досега, DotMetrics собираше податоци во земјите од регионот, а ова е негов прв излез на пазарите на Западна Европа. Велика Британија ќе биде посебен предизвик за хрватските аналитичари, бидејќи станува збор за најголем европски и трет светски пазар во контекст на онлајн рекламирање. Јан Јилек, директор на DotMetrics, посочи дека интернетот е најважниот канал за огласување на британскиот пазар и дека распределбата на овој буџет зависи од квалитетни податоци.
„Велика Британија е шампион во лигата на огласување преку интернет. Речиси 70 проценти од вкупното огласување оди исклучиво на кампањи преку интернет и се смета за најразвиен пазар во светот. Победата на вакво натпреварување е престиж и одлична референца за понатаму. Веќе започнавме преговори за влез и на други европски пазари. Би сакал да истакнам дека Хрватска останува наш HUB и дека анализата на податоците ќе се врши во Загреб “, рече Јилек и додаде дека нивниот број на вработени ќе се зголеми повеќе од три пати заради овој договор, а очекуваат сличен тренд и во наредните години.
DotMetrics е оригинална хрватска методологија развиена од компанијата FistNet заедно со Ipsos Adria. Се работи за решение кое што собира податоци за посетеноста на веб-страниците со евидентирање на целокупниот сообраќај на веб-страницата, поврзувајќи ги со демографските податоци од анкетите и основните истражувања.
DotMetrics веќе започна со подготовките за настап на пазарот во Велика Британија, кој официјално започнува на 1 јануари 2021 година, со договор потпишан за следните пет години.