Козметичкиот бренд Dove и агенцијата Ogilvy Mumbai лансираа нова кампања за индискиот пазар која носи важна порака за начинот на кој Индијците се справуваат со договорените бракови.
Од брендот веруваат дека убавината не е едно-димензионална и дека треба да се напуштат токсичните практики кои сериозно ја нарушуваат самодовербата на жените.
Во кампањата насловена “Stop The Beauty Test” („Стоп за тестот за убавина“), се презентираат вистински приказни на жени кои по „инспекцијата“ на посредниците во договорениот брак, биле одбиени поради некоја нивна „несовршеност“ како тежина, височина, тип на коса, па дури и баналности како белег на лицето кој жената го носи од раѓање.
Кампањата исто така го нагласува негативното влијание кое ваквата „инспеција“ го има воопшто врз самодовербата на жените, заклучувајќи дека заедницата мора да престане да ги става жените под неправеден тест за убавина.
„Dove верува дека убавината треба да биде извор на радост за жените. Со цел оваа иницијатива да добие на значење и да започне да се реализира во нашата култура, мораше да го избереме моментот кој е најважен, со цел да инспирираме промени. Ова е мал чекор кон постигнување на амбицијата на брендот за свет во кој жените можат да уживаат во убавината според сопствените услови “, истакнува Хефзибах Патак, заменик-претседател и генерален директор за клиенти во Ogilvy India.