Кинотека на Македонија го одликуваше доајенот на македонската филмска уметност за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Во рамки на одбележувањето на Денот на основањето на Кинотеката на Македонија, 29 Април, Кинотеката го одликуваше Драган Салковски со престижната награда ЗЛАТЕН ОБЈКЕТИВ за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Драган Салковски (77) е запишан во енциклопедијата на македонската филмска уметност како еден од најреномираните и најеминентните македонски филмски сниматели. Покрај неговиот активен 55 годишен снимателски опус, Салковски во раните 80 години од минатиот век ја напиша историјата за работа на стедикем – како првенец во Југоисточна Европа кој започнува со оперирање на Стедикем камера.
Од 1969 до 1997 година работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ – Скопје. Покрај снимателската дејност во сферата на македонскиот документарен филм, соработува и во реализацијата на десетина играни филмови во продукција на „Вардар филм“ и во уште толку во странска продукција. За своето снимателско умеење, добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Златна плакета за најдобра камера за филмот „Јазол“ на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола (1985) додека филмовите „Тулгеш“ и „Ликвидатор“, во чијашто реализација учествува, се добитници на Гран при на Фестивалот на документарен и кусометражен филм во Белград.
Како Директор на фотографија работи на документарни, кратки играни и долгометражни играни филмови со режисерите Кочо Недков, Лаки Чемчев, Трајче Попов, Љупчо Билбиловски, Бранко Гапо, Коле Манев, Миле Гроздановски, Мето Петровски, Столе Попов, Митко Панов и Кирил Ценевски.
Драган Салковски е активен Член е на ДФРМ од 1961 година до денес.