Владите треба да донесат одлука за зголемување на старосната граница за филмови со сцени во кои се консумираат цигари, смета Светската здравствена организација (СЗО), врз основа на тоа што тутунската индустрија, филмовите ги користи за маркетиншки цели поради што повеќе од една третина од младите луѓе почнуваат да пушат.
Во извештајот објавен под назив „Smoke-Free Movies“, СЗО наведува дека 44 проценти од холивудската продукција и 36 отсто од филмовите со ознака за старосна граница ограничена за млади под 18 години во 2014, содржеле сцени во кои некои од ликовите се пушачи.
Според истражувањето, спроведено во САД, речиси 40 проценти од адолесцентите почнуваат да пушат бидејќи на тоа ги поттикнале сцени со уживање во цигари кои ги виделе во филмовите, а во тоа предничат европските филмови, предупредува СЗО.
Се проценува дека предупредувањето од Здружението за филмска класификација само во Америка би можело спречи милиони смртни случаи предизвикани од болести предизвикани од пушењето кај денешните деца и адолесценти, проценува СЗО.
Слично предупредување уште во 2009 година издаде ОН, но светските влади го занемариле, стои во извештајот.
– Поради бројните предупредувања во еден период се евидентирани помалку филмски сцени во кои ликовите пушат, но тутунската индустрија цело време се обидува да најде алтернативни начини за промоција на нивните производи. Во некои филмови процентот на сцени во кои ликот ужива во тутун е многу повисок отколку во реалните животни ситуации – вели д-р. Армандо Перуга од СЗО.
Организацијата смета дека тутунските компании не треба да спонзорираат сцени во кои ликовите пушат, и дека на големите екрани ни би требало да се прикажуваат брандови на цигари.
Сметаат и дека пред почетокот на прикажувањето на филмовите во кои ликовите пушат, би требало да се емитуваат спотови кои на младите ќе им упатат силна порака за штетноста од пушењето.