Едукативни работилници за деца, изложба на илустрации од големиот уметник Димитар Кондовски, дебати ќе бидат дел од програмата на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ од Скопје. Од 14 до 19 октомври во повеќе објекти на Националната галерија (Мала станица, Даут-пашин амам), внимавајќи на пропишаните ковид-протоколи, на децата, но и на родителите ќе им понудиме убав спој на литературата и ликовната уметност, односно илустрацијата.
Ни претставува голема чест што токму отворањето на фестивалот ќе биде со изложбата посветена на доајенот на македонската ликовна уметност, Димитар Кондовски. Уметникот кој оставил длабок печат во македонското културно наследство и самиот имал желба некогаш да ги изложи исклучиво своите илустрации од книги, списанија, весници, публикации. „Литера“ сака на денешните генерации да им го доближи исклучителното значење на овој уметник. Изложбата ќе биде отворена во 19 часот во Мала станица. Ќе биде организирана под посебен протокол.
Во рамките на фестивалот, на 16 октомври во 19.30 часот во Europe House во Скопје ќе се одржи дебата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“ На оваа дискусија ќе учествуваат: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, писателот и проф. д-р Владимир Мартиновски, Искра Димковска („Сказнувалка“) и психологот Христина Стефановска.
Во рамките на фестивалот ќе бидат организирани пет работилници на кои ќе можат да учествуваат помал број деца. Доколку дозволат временските прилики, тие ќе се одржат во дворот на Даут-пашиниот амам, а во случај на заладување или дожд, активностите ќе се префрлат внатре.
На второто издание на „Литера“, под наслов „Емоцијата има своја боја“ на 15 и 16 октомври работилница ќе одржи кустосот и едукатор од Националната галерија, Маја Димитрова и вајарката Моника Гошева.
Четири различни работилници ќе се одржат на 17 октомври. „Прочитај ми приказна/прочитај си приказна“ ќе ја води Коста Милков од издавачката куќа „Метаноја“. Во истиот термин од 11 часот ќе се реализира и работилница на тема „Среќни деца денес – подобри луѓе утре“, која ќе ја одржи едукативниот центар „Скампер“ од Скопје. Искра Димковска од издавачката куќа „Сказнувалка“ ќе одржи работилница инспирирана од сликовницата „Празнина“ од Ана Лјенас. Поетесата Ана Голејшка-Џикова ќе одржи работилница за креативно пишување
На 18 октомври во Даут-пашиниот амам, заедничка работилница ќе одржат „Полица“ и фестивалот „Литера“, на тема „Креирање книжевно дело од деца за деца“.
На 19 октомври, во Europe House фестивалот ќе додели награди за најдобрите македонски изданија меѓу двата изданија. Ќе бидат доделени три награди: за најдобра детска книга, за најдобра илустрација и издание во целина.
Меѓународниот фестивал за детска литература и илустрација „Литера“ го организира агенцијата „Ефектива“ од Скопје. Фестивалот го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје, „Халк банка“.