Пред околу една година, Apple ја отстрани популарната видео-игра Fortnite од својот App Store откако беше откриено дека играта имплементирала систем за плаќање кој ја заобиколува стандардната 30% „такса“ која Apple ја наплаќа за секоја трансакција во рамки на апликациите поставени на App Store.
Една година подоца, правната битка помеѓу Apple и Epic Games, компанијата која стои позади Fortnite, продолжува. Според Epic Games, практиката на Apple е монополска и со тоа незаконска. Apple пак вика дека секоја компанија која не сака да ја плаќа цената може слободно да ја напушти App Store.
Ниту една страна не попушта, а според правните експерти таа може да потрае уште неколку години.
Во целата драма сега се вклучи и екцентричниот милијардер Елон Маск, сопственик на Tesla и SpaceX, кој преку својот Твитер профил јавно го нападна Apple.
Apple app store fees are a de facto global tax on the Internet. Epic is right.
— Elon Musk (@elonmusk) July 30, 2021
„Трошоците на Apple App Store се де факто глобална такса врз интернетот. Epic Games се во право.“ – напиша Маск.
Пораката на милијардерот предизвика повеќе прашања во рамки на технолошката заедница, зошто тој одлучил да го искаже своето мислење по однос на ова прашање токму сега? Иако тој често коментира за проблемите во технолошкиот свет, ниту една од компаниите на Маск не е директно засегната од „таксата“ на Apple. Можеби има некој друг проблем во позадина?