На 19 декември, новиот сопственик и генерален извршен директор на Твитер, Елон Маск, објави анкета на својот профил со која побара од корисниците да одговорат на прашањето дали тој треба да се повлече од раководната позиција на Твитер. До завршувањето на анкетата гласаа 17,5 милиони корисници на платформата, од кои 57,5% одговорија потврдно: „Да“.
Два дена подоцна, на 21 декември, Елон Маск се огласи во врска со конечните резултати на анкетата и јавно напиша: „Ќе дадам оставка од функцијата генерален извршен директор штом најдам некој доволно луд да ја преземе работата! После тоа, само ќе ги водам тимовите за софтвер и сервери.“
I will resign as CEO as soon as I find someone foolish enough to take the job! After that, I will just run the software & servers teams.
— Elon Musk (@elonmusk) December 21, 2022
Во моментов, се чини дека потрагата по следниот извршен директор на Твитер е далеку од завршена. Елон Маск тврди дека засега нема „наследник“ на неговата позиција, дополнително објавувајќи дека „никој не ја сака работата што всушност може да го одржи Твитер жив“.
Прашањето околу иднината на Маск на челната извршна позиција на Твитер се најде во фокусот на јавноста по повеќе контроверзии во врска со реформите и начинот на водење на платформата, наидувајќи на критики од повеќе приватни и правни чинители во општествениот и политички еко-систем.
Во секој случај, иако Маск може да отстапи од генералната извршна функција во компанијата, тој сепак во догледно време ќе остане нејзин сопственик.