Додека ја чека разврската на драмата околу купувањето на Твитер, милјардерот Елон Маск реши да заработи некој милион плус со лансирањето на сопствен бренд на парфем.
Парфемот именуван како „Burnt Hair“ („Изгорена коса“) е продукт на една од неговите компании позната како The Boring Company („Досадната компанија“), со која Маск лансира „откачени“ производи. Така, на пример, во 2018 година компанијата продаваше пламенофрлач по цена од 500 долари, вкупно заработувајќи околу 10 милиони долари.
Во случајот со парфемот, неговиот мирис е елоквентно опишан како „суштината на одвратниот копнеж“. Реалниот опис би бил мирис на обична восочна свеќа која гори или како што посочува самото име – на „изгорена коса“.
Секое шише чини 100 долари и ќе започне да се испорачува во првиот квартал на 2023 година. Досега веќе биле нарачани околу 10.000 шишиња кои на најбогатиот човек на светот ќе му донесат околу милион долари, а за кои Маск тврди дека ќе му помогнат во купувањето на Твитер.
Please buy my perfume, so I can buy Twitter
— Elon Musk (@elonmusk) October 12, 2022
По лансирањето на производот, Елон Маск веќе почна да се претставува себеси како „продавач на парфеми“, додавајќи го тој опис кон биографијата на неговиот профил на Твитер.