Македонија е подготвена да биде домаќин на најголемиот младински спортски настан во својата историја – Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ Скопје 2025), кој од 20 до 26 јули ќе се одржи во Скопје, Куманово и Осиек, Хрватска. Со учество на повеќе од 4000 млади спортисти од 48 европски земји, ЕМОФ ќе ја претвори нашата држава во пулсирачки центар на спортот, културата и младинската енергија, поставувајќи ја Македонија високо на мапата на меѓународните спортски дестинации.
Фестивалот ќе опфати 15 спортски дисциплини, меѓу кои атлетика, пливање, гимнастика, ракомет, одбојка, кошарка, баскет 3×3, џудо, велосипедизам, маунтајн бајк, бадминтон, кајак слалом, стрелаштво, пинг-понг и теквондо. Натпреварите ќе се одвиваат на модерни спортски објекти низ Скопје и Куманово, а дел од програмата – натпреварите во гимнастика – ќе се одржат во Осиек, внесувајќи дополнителна интернационална димензија на настанот.
Скопје ќе пулсира со олимпискиот дух – арената „Борис Трајковски“, спортскиот центар „Јане Сандански“, националната арена „Тодор Проески“, Олимпискиот базен во Скопје и Спортскиот центар „Матка“ се само некои од борилиштата на кои ќе се одвиваат возбудливи спортски натпревари. Куманово ќе ги пречека најдобрите млади кошаркари и велосипедисти од Европа, а во сите градови-домаќини ќе се испишуваат нови спортски приказни и ќе се слави победничкиот дух.
Европскиот младински олимписки фестивал не претставува само спортски настан. Тој претставува платформа преку која Македонија ќе ги истакне своите најдобри карактеристики како дестинација, нудејќи одлични услови за младите спортисти, како и за нивните тренери и придружници. Фестивалот ќе понуди можности за размена на искуства и ќе ја потврди Македонија како регионален лидер во организацијата на вакви меѓународни спортски настани.
Истовремено, Македонија ќе го истакне своето културно наследство, како и својата способност да ги обедини спортот и културата во една успешна целина. Преку овој настан, државата ќе ги демонстрира не само своите способности за организирање врвни спортски настани, туку и својата културна и историска вредност, која е неизмерно важна за идниот развој на младите генерации.
Со поддршка од националните и локалните институции, спортските федерации и стотици волонтери, организацијата на фестивалот се одвива според највисоки европски стандарди. Официјалната маскота Shiny ќе биде симбол на фестивалот, носејќи го духот на младоста, спортот и единството, присутна на сите настани и активности поврзани со ЕМОФ.
Ниту еден голем спортски настан не може да биде успешен без волонтерите, кои ќе имаат клучна улога во организирањето на ЕМОФ 2025. Околу 900 млади волонтери ќе бидат вклучени во различни аспекти на фестивалот – од логистика и координација, до поддршка за спортистите и посетителите. Ова е шанса за нив да стекнат драгоцено искуство, да научат нови вештини и да станат дел од нешто поголемо од нив самите. Сите оние кои сакаат да се пријавуват за волонтери, тоа можат да го сторат преку официјалната веб-страница на фестивалот.
ЕМОФ 2025 е можност за сите, за спортистите, волонтерите, навивачите, медиумите и целата јавност – да бидат дел од момент кој ќе се памети. Овој фестивал не е само натпревар, туку прослава на младоста, спортот и заедништвото. Без разлика дали сте љубители на спортот, сакате да волонтирате или едноставно да бидете дел од атмосферата, ЕМОФ 2025 ве повикува да учествувате и да бидете дел од оваа историска приказна.
ЕМОФ Скопје 2025 е моментот кога спортот, културата и младите ќе го обликуваат европското утре – во срцето на Балканот. Македонија е подготвена да блесне!
Повеќе за фестивалот ЕМОФ Скопје 2025 можете да дознаете на следниот линк – https://www.instagram.com/skopje_2025/