Со завршната церемонија на свеченото затворање што се одржа во неделата вечер, Скопје се збогуваше со Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 – најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во Македонија. Во текот на изминатата недела, главниот град пулсираше со младинска енергија, спортска страст и европски дух. Над 4.000 млади спортисти од 50 различни европски делегации пристигнаа во Македонија за да се натпреваруваат во 15 различни спортски дисциплини, меѓу кои атлетика, пливање, џудо, велосипедизам, баскет 3×3, стрелаштво, гимнастика, маунтајн бајк, пинг понг, кајак кану слалом, бадмингтон, таекводно, кошарка, ракомет и одбојка.
Овие бројки не се само статистика, туку сведоштво за довербата што Европа ѝ ја даде на Македонија како домаќин, и потврда дека македонската престолнина успеа да го оправда секое очекување. Со беспрекорно организирани натпревари, модернизирани спортски сали и отворени срца, Скопје го освои вниманието на спортската јавност, но уште поважно – го освои срцето на секој млад спортист, тренер, волонтер и гостин што беше дел од оваа спортска приказна.
Спортскиот дел на фестивалот беше исполнет со вкупно 488 освоени медали, импресивни индивидуални и тимски настапи, светски и европски рекорди, спортски драматични пресврти и моментот кога сè што ги делеше учесниците – националност, јазик, боја на дрес – исчезнуваше пред силата на фер-плејот. Во сите објекти каде што се одвиваа натпреварите, се чувствуваше духот на заедништво, мотивација и респект, токму она што го прави ЕМОФ уникатен меѓу спортските настани.
Но фестивалот не беше само спорт. Градот живееше и надвор од терените – со програми за забава, музика, култура, интеракција и размена на искуства. Илјадници млади од различни краеви на Европа споделија моменти што ќе ги паметат цел живот, создадоа нови пријателства и ја запознаа топлината на македонското гостопримство. Над 700 волонтери, претежно млади луѓе од целата земја, но и од различни европски држави – беа вистинската сила зад кулисите на овој спектакл. Со насмевка, организациска дисциплина и искрена љубов кон настанот, тие го одржуваа темпото на ЕМОФ и го правеа фестивалот човечки и блиску до сите учесници.
Организаторите изразија искрена благодарност до сите институции, партнери, спортски федерации, делегации и медиуми што дадоа поддршка за реализација на настанот. Во обраќањето за време на затворањето, Претседателот на Европските Олимписки Комитети, Спирос Капралос истакна дека ЕМОФ Скопје 2025 беше екстремно успешен организиран настан и дека Скопје и Куманово не само што го положиха испитот како домаќини, туку поставија и нови стандарди во регионот и Европа кога станува збор за младинските спортски настани.
Иако фестивалот официјално заврши, неговото влијание дури сега започнува. ЕМОФ Скопје 2025 остави трага – не само во медалите и фотографиите, туку во мотивацијата кај младите да продолжат да сонуваат, да тренираат, да се надградуваат. Остави порака дека спортот е најубавата сцена на која младите Европејци се поврзуваат, се разбираат и се почитуваат. И токму затоа, оваа статистика не е само бројка – таа е инспирација. За Скопје. За Македонија. За цела Европа.