По барање на агенциите, поради тешките околности со кои тие се соочуваат ширум светот, организацијата на креативните награди Epica Awards соопшти дека крајниот рок за пријавување на кампањи го продолжуваат уште еднаш, овој пат до 16 ноември.
„Задоволство е да се знае дека голем број на агенции веќе пријавија кампањи за овогодишното издание и сакаме топло да им се заблагодариме за нивната поддршка, која е многу ценета,“ истакнува Марк Тунгејт, уредничкиот директор и домаќин на жири-комисијата, додавајќи дека дел од агенциите побарале повеќе време за пријавување, додека пак други ги финализирале нивните сезонски кампањи за кои од Epica се надеваат дека ќе бидат претставени пред жирито.
„Сакаме да им дадеме на агенциите и на нас самите доволно време за да осигураме дека најдобрите дела од годината ќе бидат претставени,“ посочува Тунгејт.
Една од најважните награди која ќебиде доделена е Grand Prix наградата за одговорност (Responsibility Grand Prix), спонзорирана трета година по ред од ACT Responsible. Се работи за организација чиј акроним значи Advertising Community Together и како мисија има за цел да ги промовира добрите професионални практики и да ја инспирира и обединува адевертајзинг индустријата околу социјалната одговорност и одржливиот развој.
Добитникот на Grand Prix наградата ќе биде избран од победниците во категориите за Јавен интерес, вклучувајќи ја и новата поткатегорија за комуникации поврзани со Ковид-19. Иако имало некаква дебата околу кампањите поврзани со пандемијата, Марк Тунгејт неодамна искоментира: „Игнорирајќи едно цело поглавје од историјата на адвертајзингот е токму спротивно на она за што нашето жири на новинари се залага.“
Тој посочи дека повеќемина новинари од жири-комисијата побарале категорија за Ковид-19 уште во раните фази на пандемијата. „Тие сакаа да ги наградат оние дела кои навистина им помогнаа на заедниците за време на овој период,“ додава Тунгејт.
Grand Prix наградата за одговорност ќе биде доделена на 17 декември, за време на виртуелната наградна церемонија на Epica Awards, заедно со Grand Prix наградите за категориите Film, Print, Design, Digital и PR.
Epica Awards се единствените глобални награди жирирани исклучиво од страна на новинарите. За прв пат дел од овогодинешното жири ќе бидат и претставници од публикациите Entrepreneur и Forbes (за бизнис категориите), како и Communicate (од Обединетите Арапски Емирати), кои ќе им се придружат на редовните учесници од Adweek, Campaign, Creative Review, Shots и бројни други професионални медиуми низ светот, вклучувајќи го и Marketing365 како претставник од Македонија.
Повеќе информации за Epica Awards може да се најдат на следниот линк.