Френсис Ралстон-Гуд е назначена за глобален Генерален оперативен директор на медиската агенција EssenceMediacom, наследувајќи го Џош Кришефски кој неодамна се приклучи на GroupM како извршен директор за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка.
Назначувањето на Ралстон-Гуд ја потврдува нејзината важност за агенциската мрежа, откако се приклучи на MediaCom во 2019 година како раководител на одделот за опслужување на клиентот P&G. Таа потоа беше промовирана во Претседател на глобални клиенти пред да стане Генерален директор за трансформација како дел од комбинираниот лидерски тим на EssenceMediacom соопштен во април минатата година. Пред да се приклучи на MediaCom, Ралстон-Гуд имала лидерски функции во Hearts & Sciences, Omnicom Media Group и PHD.
Додавајќи ја функцијата Генерален оперативен директор кон своето портофлио, Френсис Ралстон-Гуд ги проширува своите надлежности како Генерален директор за трансформација и сега ќе биде одговорна за обезбедување на глобална оперативна извонредност во функционирањето на агенцијата. Дополнително, таа ќе продолжи да нуди искуство во раководењето со светската база на клиенти на EssenceMediacom.
Френсис ќе соработува со лидерските тимови на глобално и регионално ниво, но и на клучните пазари за агенција, сѐ со цел да испорача позитивни резултати во приоритетните области на развој и да ја издигне EssenceMediacom во најефективната медиска мрежа во светот – се наведува во соопштението на агенцијата.
Френсис Ралстон-Гуд исто така ќе продолжи да служи како раководител за медиска стратегија во WPP OpenX – специјализиран агенциски тим создаден за опслужување на клиентот The Coca-Cola Company.