Мултинационалната компанија за прехрамбени производи Dole реализираше герила маркетинг акција на британскиот пазар, како дел од која постави постери со податоци за негативните прехрамбени навики на луѓето веднаш до локали за брза храна и вендинг-машини.
Кампањата насловена “Malnutrition Labels” („Етикети за неухранетост“) има за цел да ја подигне јавната свест за ниската хранлива вредност на одредени закуски и јадења. Притоа, постерите се испечатени со мастило направено речиси целосно од овошје, што значи дека самите постери имаат повеќе нутритивни придобивки отколку брзата храна.
Проектот бил осмислен во партнерство со научници за храна и поминал низ различни етапи на експериментирање и користење разновидни отпадоци и остатоци од овошје за да се создадат оптимални бои и хранлива формулација за процесот на печатење.
Покрај постерите, герила маркетинг кампањата ќе биде дополнета и со активности на социјалните мрежи.
Кампањата се реализира со помош на агенциите St Luke’s и Bompas & Parr.