Европската комисија во средата претстави предлог-стратегија за зајакнување на одржливоста на производите за широка потрошувачка, како што се паметните телефони, облеката и мебелот.
Стратегијата ги таргетира производите во секоја фаза на производсво и употреба, вклучувајќи го нивниот дизајн, поправка и рециклирање.
Иницијативата има за цел да го поттикне пазарот за одржливо-изработен текстил, при што производителите ќе мора да се погрижат нивната облека да биде еколошка и подолготрајна. Од друга страна, на потрошувачите ќе им бидат дадени повеќе информации за тоа како повторно да ја употребуваат, поправат и рециклираат својата облека.
Стратегијата исто така предвидува борба против компаниите кои ги доведуваат потрошувачите во заблуда со лажни тврдења за нивната грижа во заштитата на животната средина.
Предлог-стратегијата сега треба да оди на разгледување пред Советот на Европа и Европскиот парламент.
Според извештај на белгиската непрофитна организација Zero Waste Europe, модната индустрија е еден од најмалку регулираните сектори на европскиот пазар, кој, пак, произведува многу отпад.
Помеѓу 2000 и 2014 година, производството на облека во Европа се зголемило двојно, при што просечниот потрошувач сега купувал 60% повеќе парчиња облека отколку пред 15 години. Дополнително, потрошувачите ја чуваат својата облека двојно помалку време отколку при преминот во новиот милениум, а некои ја фрлаат и по само неколку носења. Уште повеќе, помалку од 1% од облеката се рециклира во нови ткаенини.