Како што автомобилската индустрија пополека се движи кон електрификација, се чини дека во догледна иднина се наѕира крајот на возилата на бензин и дизел.
Од американската Бела Куќа која неодамна предложи национална мрежа на електрични полначи, до луксузниот бренд за спортски возила Ферари кој го најави својот прв електричен суперавтомобил, нема сомнеж дека јаглердоно-неутралните автомобили се тука да останат.
Одејќи чекор понатаму, Европската Унија одлучи да ја прекине продажбата на возила со мотори на внатрешно согорување почнувајќи од 2035 година, ставајќи крај на трговијата со нови бензински и дизел возила во нејзините 27 земји.
Според француската новинска агенција AFP, мерката првично била предложена во јули 2021 година и претставува дел од климатските цели на Унијата за постигнување „нето-нула емисии на јаглерод“ до 2050 година.
Иако ова може да го сигнализира почетокот на крајот за моторите со внатрешно согорување во Европа, Motor1 посочува дека сепак може да остане отворен простор за производителите на автомобили кои сакаат да користат алтернативни горива, како што е концептот “Scenic Vision” на Renault кој ќе работи на водород.
Дополнително, Европскиот совет одлучи да ги подигне стандардите за намалување на емисиите на јаглерод за новите автомобили и комбиња на 55% и 50% до 2030 година, соодветно, а ќе направи повторна евалуација на напредокот постигнат кон овие цели во 2026 година.
„Советот сега е подготвен да преговара со Европскиот парламент за склучување на пакетот, со што ќе ја стави Европската Унија повеќе од кога било во авангардата во борбата против климатските промени“ – изјавила француска министерка за енергетска транзиција, Ањес Паниер-Рунашер.