Популарниот француски бренд на минерална вода Evian неодамна го објави новиот редизајниран изглед на своите шишиња, кои повеќе нема да имаат пластични етикети залепени околу нивното тело. Наместо тоа, името на брендот ќе биде релјефно изведено на самото шише.
Целта на брендот е до 2025 година целосно да премине на рециклирана пластика во својот производствен процес, отфрлајќи ги етикетите кои се изработуваат од пластика за еднократка употреба и користејќи рециклирана пластика за изработка на самите шишиња.
Покрај важните еколошки причини, новиот „кристално проѕирен“ дизајн исто така има своја семиолошка вредност, давајќи му на пакувањето еден „чист“ и полуксузен, „премиум“ изглед кој отскокнува од останатите брендови.
Засега редизајнот ќе се актуализира само во однос на пакувањата од 400 милилитри, со планови за целосна имплементација до 2025 година.
Новите шишиња веќе ќе почнат да се применуваат во Франција, а од септември и во други светски држави како Малезија, Мексико, Филипини, Сингапур, Обединетите Арапски Емирати и Виетнам.