Европскиот парламент ги поддржа построгите правила за таргетирано политичко огласување на социјалните мрежи со цел спротивставување на дезинформациите кои се шират на тие платформи за време на избори.
Европратениците дополнително засилија некои од правните одредби во нацртот доставен од Европската комисија по ова прашање, а сега ќе треба да разговараат за деталите со земјите од ЕУ пред предлогот да стане закон.
Според измените, давателите на огласувачки услуги ќе можат да користат само лични податоци кои се изрично дадени за целите на политичкото огласување на интернет. Следствено, микротаргетирањетокако стратегија која користи кориснички податоци и демографски карактеристики за да ги одреди интересите на конкретни поединци нема повеќе да биде возможно.
За прекршоци на оваа регулатива се планираат казни до 4 отсто од вкупните глобални приходи на технолошките компании кои нудат огласувачки услуги.
Европскиот парламент исто така воведува и други одредби за дополнително регулирање на пошироката активност на таргетирање, како што е општа забрана за употреба на податоци од малолетници.