Колку и да е ветувачки напредокот на вештачката интелигенција, постојат неколку причини зошто многу луѓе, вклучително и креаторите на содржини, се претпазливи во однос на неа. Вештачката интелигенција продолжува да окупира нерегулирана територија, предизвикувајќи нови проблеми како што се прекршување на авторските права, криминални имитации, ширење на родова и расна пристрасност, дезинформации, неконсензуални сексуални слики итн.
Нотирајќи ги предизвиците кои се појавуваат со ширењето на генераторите базирани на вештачка интелигенција, Европската Унија веќе размислува за воведување на легислатива која ќе ги регулира новите алатки како DALL-E, Midjourney, ChatGPT и Stable Diffusion, и тоа уште оваа година.
Според извештај на MIT Technology Review, новиот „Закон за вештачка интелигенција“ на ЕУ ќе биде првиот сет на законски акти донесени од некое големо регулаторно тело, а кои се однесуваат на вештачката интелигенција.
Досега, девелоперите на системи базирани на вештачка инелигенција „љубоморно“ ги чуваа тајните на нивните нови технологии. Меѓутоа, новото европско законодавството конечно ќе изврши притисок врз нив да бидат потранспарентни и да преземат одговорност за несаканите ефекти кои би можеле да произлезат од нивните креации, а за кои претходно можеби биле помалку мотивирани да ги поправат.
Инцијаторите се надеваат дека преку „отворањето“ на системските кодови, учесниците во индустријата и надворешните набљудувачи ќе може да осмислат стратегии за справување со вродената пристрасност на вештачката интелигенција и другите негативни ефекти кои може да ги има.
ЕУ ги нарекува генеративните системи базирани на вештачка интелигенција модели за „општа намена“, гледајќи како некои од нив можат да служат за повеќе од една цел. Па така, кога ќе се стават во погрешни раце, овие програми може да се користат за создавање на неконсензуални и инкриминирачки содржини.
Регулаторот сè уште ги појаснува деталите за овој закон, но она што е познато е дека компаниите вклучени во овие проекти ќе мора да станат потранспарентни и поодговорни или ќе ризикуваат да платат казни до 6% од нивната вкупна годишна заработка на глобално ниво.
Законот се очекува да биде донесен во втората половина на 2023 година.