Во европските институции во Брисел се разгледуваат планови за формирање на фонд во износ од 100 милијарди евра за финансирање на европски индустриски компании кои ќе бидат конкуренција на американските и кинеските компании, како Apple, Google, Alibaba…
Поточно, некои официјални претставници на ЕУ изработија план за, како што го нарекоа, „Фонд за Европска иднина“, кој би го финансирале земјите-членки со цел да инвестираат во стратешки сектори во кои Европа заостанува зад глобалните ривали (првенствено САД и Кина), се наведува во интерен документ објавен од страна на „Фајненшл Тајмс“.
Документот е една од неколкуте иницијативи кои официјалните претставници на ЕУ го претставиле пред новиот претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за спроведување на планот во нејзиниот мандат.
Најголема поддршка за создавање таков фонд доаѓа од двете најголеми земји-членки на ЕУ – Франција и Германија. Официјални претставници на тие земји бараат ЕУ да развие одлучувачка, но и поагресивна политика за заштита на европските компании од нелојална конкуренција. Секако, ова ќе им помогне и на националните економии на земјите членки на ЕУ.
Документот доставен до идниот претседател на ЕК предупредува дека компаниите што не се членки на ЕУ „со невидени финансиски ресурси можат да ја отстранат постојната динамика на иновациите и позицијата на индустријата на ЕУ во одредени сектори“.
Американски технолошки компании познати како GAFA (Google, Apple, Facebook и Amazon) и кинеските BAT (Baidu, Alibaba и Tencent) кои ги откупија потенцијалните ривали и сега ја „управуваат глобалната дигитална агенда“.
„Европа нема такви компании“, се вели во документот, предупредувајќи дека „тоа претставува ризик за растот, работните места и влијанието на Европа во клучните стратешки сектори“.
Фон дер Лејен, која ќе го преземе раководењето со Европската комисија на 1 ноември годинава, вети дека во нејзиниот мандат, Комисијата „ќе инвестира во иновации и истражување, ќе ја редизајнира економијата на ЕУ и ќе ја ажурира индустриската политика на ЕУ“.
Една од работите што таа ги најави беше изготвување на законодавство за етички принципи за примена на вештачката интелигенција, односно збир на закони од оваа област во првите 100 дена од нејзиниот мандат.
Во документот доставен до Фон дер Лејен се вели дека фондот треба да биде насочен кон купување на долгорочни удели во „корпорации со седиште во ЕУ во стратешки важни сектори“. Неговите приоритети за инвестирање треба да бидат „развој на стратешки сектори“ и „градење и зајакнување на иновациски лидери на иднината“.
Иако Париз и Берлин веројатно ќе поддржат таков план, владите кои поддржуваат слободен пазар, како Холандија не се подготвени да му дозволат на Брисел да ги олесни своите правила за конкуренција, наведува „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека земјите членки на ЕУ се поделени околку правилата за конкуренција на стариот континент. Имено, Холандија се спротивставува на создавањето на мегаевропски компании за да се натпреваруваат со американските и кинеските ривали на глобално ниво.