Претседателот на Google за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка, Мет Бритин, најави повлекување од компанијата по 18 години.
„Кога се придружив на Google во јануари 2007 година, Лери Пејџ ме советуваше „да ги ставам најдобрите луѓе на важните проекти и да се тргнам од патот“. Ја имав привилегијата на мојот живот да се обидам да го почитувам ова, соработувајќи со брилијантни тимови за да помогнат во изградбата на технологија што го прави светот подобар“ – напиша Бритин во објава на социјалните мрежи.
Тој додаде дека регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка е заслужен за околу една третина од вкупните приходи на Google и дека е сега претставува „клучен момент“ да ја предаде функцијата на некој друг, истакнувајќи ги трансформативните процеси на вештачката интелигенција. Мет Бритин ќе остане во компанијата уште една годината со цел да овозможи непречена транзиција за својот наследник.
Бритин се придружи на Google како директор за Обединетото Кралство и Ирска во 2007 година, пред да биде унапреден во потпретседател за Северна и Централна Европа, а потоа и претседател за Европа, Блискиот Исток и Африка во 2014 година. Претходнот работел како консултант за McKinsey & Co и како комерцијален директор за Trinity Mirror, подоцна наречена Reach PLC.
Неговата цел за иднината е да поминува повеќе време со своето семејство, а потоа да го применува стекнатото знаење за технологијата и лидерството на поразлични начини од досегашните ангажмани.