Минатата недела, Facebook соопшти важни промени во врска со својот News Feed чијашто цел ќе биде “да помогнат во зближувањето на луѓето преку Facebook конекции кои имаат вистинско значење”. Како резултат на овие промени, корисниците ќе гледаат помалку јавни содржини, вклучувајќи вести, видеа и постови од брендови.
Синоќа, од Facebook ја соопштија и втората голема цел за оваа година: да осигураат дека вестите кои корисниците ќе ги гледаат, иако помалку, ќе бидат со висок квалитет.
“Минатата година работевме вредно за да го намалиме бројот на лажни и кликбејт вести и да ги уништиме економските стимулации за спамерите кои ги генерират. Но, постои уште многу што можеме да направиме,” се истакнува во соопштението на Facebook.
Во текот на 2018 година, од компанијата планираат да имплементираат промени во алгоритмот на News Feed, преку кој ќе им се дава приоритет на:
– вести од медиуми кои заедницата ги оценила како веродостојни;
– вести кои според луѓето се информативни; и
– вести кои се релевантни за локалните заедници.
За да биде сé јасно, од Facebook објаснуваат дека корисниците сé уште ќе ја имаат можноста да одлучуваат кои вести ќе се појавуваат на врвот од нивниот News Feed преку користењето на See First опцијата.
Веродостојни извори
Почнувајќи од следната недела, Facebook ќе започне со тестирање во првата област на промени: да се приоритизираaт вести од медиуми кои заедницата ги оценила како веродостојни.
Рангирањето ќе се прави врз основа на податоци собрани од истражување спроведено врз разновиден и репрезентативен примерок на луѓе кои го користат Facebook во САД, со цел да се измери запознаеноста и довербата на корисниците со различните извори на вести.
Имплементирањето ќе започне во САД, а ќе продолжи интернационално во скора иднина.
Информативни содржини
Кога се работи на рангирањето и подобрувањето на News Feed-от, од Facebook велат дека тоа се заснова врз определени темелни вредности.
“Овие вредности, кои ги применуваме со години, го водат нашето размислување и ја оддржуваат непроменливоста на темелното искуство на News Feed-от, како што тој еволуира. Една од вредностите на нашиот News Feed е така вестите кои се појавуваат треба да бидат информативни. За информативните извори, ќе продолжиме да ја надоградуваме работата започната во август 2016, кога започнавме да ги прашуваме луѓето да ја оценуваат информативноста на вестите кои се прикажуваат во нивниот News Feed на скала од еден до пет. Размислуваме за различни начини како да ја прошириме оваа работа на повеќе области во текот на годината,” се објаснува во соопштението од Facebook.
Локални вести
Според истражувањата на Facebook, луѓето сакаат да читаат повеќе локални вести. Во таа насока, од Facebook го најавија развојот на систем преку кој луѓето ќе можат да ги следат локалните вести и информации во засебна секција.
“Ќе продолжиме да работиме на начини како да прикажуваме повеќе локални вести кои се релевантни за местата каде што живеат луѓето”, стои во соопштението.
Што ќе значи ова за медиумите?
Развојот на овие промени ќе се одвива во текот на годината. Во однос на првите промени кои ќе се случат во САД веќе од следната недела, медиумите кои се оценети како веродостојни од луѓето ќе забележат зголемување на нивната дистрибуција на вести. Медиумите кои пак немаат високи оценки на доверба од страна на заедницата ќе забележат пад во бројките на дистрибуција.
Овие промени ќе бидат дел од многуте сигнали кои ќе почнат се забележуваат во рангирањето на вестите во News Feed-от.