Технолошкиот гигант Фејсбук соопшти дека избришал повеќе Страници, Групи и профили кои биле вклучени во координирано неавтентично однесување на социјалните мрежи Facebook и Instagram со потекло од Ирак и Украина.
Според Фесјбук, двете координирани неавтентични операции не биле поврзани меѓу себе. Тие имале за цел да ги „доведат во заблуда корисниците за тоа кои се и што навистина прават“.
Од Ирак биле избришани 76 профили, 120 Фејсбук страници, една Група, два Настани и седум Инстаграм профили, кои биле користени за споделување на вести поврзани со домашната политика и религиски теми. Страниците биле следени од скоро 1,6 милиони корисници, а 339,000 профили биле членови на Групата. Опрацијата потрошила нешто помалку од 1,600 долари за реклами во американски долари, канадски долари и малезиски рингити.
Од Украина биле избришани 168 профили, 149 Фејсбук страници и 79 Групи, кои објавувале различни вести поврзани со јавни личности, спорт, економија, како и локална и меѓународна политика. Страниците биле следени од скоро 4,2 милиони корисници, а 401,000 корисници биле членови на Групите. Мрежата платила 1,6 милиони долари за реклами на Фејсбук и Инстаграм. Според Фејсбук, неавтентичните активности во Украина биле поврзани со украинската ПР агенција Pragmatico.
„Постојано работиме на откривање и стопирање на овој тип на активности бидејќи не сакаме нашите сервиси да бидат користени за манипулирање на луѓе. Ние ги отстрануваме овие Страници, Групи и профили врз основа на нивното однесување, а не поради содржините кои ги објавуваат. Добиените информации ги споделивме со нашите индустриски партнери,“ истакнуваат од Фејсбук во соопштение.