Home » Digital » Фејсбук отвора три нови центри за дигитално описменување во Европа

Фејсбук отвора три нови центри за дигитално описменување во Европа

Фејсбук најави дека во Европа ќе отвори три нови центри за дигитално описменување на граѓаните, а овој потег наиде на незадоволство во ЕУ, поради настојување технолошките гиганти да ги намалат своите даночни обврски.

Центрите ќе бидат отворени во Шпанија, Полска и Италија, а во компанијата Фејсбук најавуваат и 10 милиони евра инвестиции во Франција преку тамошниот центар за истражување на вештачка интелигенција.

Фејсбук веќе отвори слични центри во Нигерија и Бразил.

„Луѓето се плашат дека дигиталната револуција ќе ги прегази, па затоа сакаме да вложиме во дигитално описменување за да им овозможиме стекнување дигитални вештини потребни за учество во дигиталната економија“, изјави главната оперативна директорката на Фејсбук, Шерил Сандберг.

Центрите ќе нудат курсеви за дигитално и медиумско описменување и безбедност на Интернет групите со ограничен пристап до технологијата, вклучувајќи ја повозрасната популација, младите и бегалци.

Во компанијата Фејсбук планираат до 2020 година да обучат еден милион граѓани и сопственици на компании, преку класични курсеви за 100 000 мали и средни претпријатија, како и интернет курсеви за 250 илјади компании.

„Апсолутно сакаме да им покажеме на луѓето дека инвестираме на локално ниво, инвестираме во технологии, инвестираме во луѓе“, вели Сандберг.

Потегот на Фејсбук се случува за време на дискусиите во ЕУ за предлозите за зголемување на оданочувањето на мултинационалните технолошки компании по притисокот од страна на големите држави, кои ги обвинуваат компаниите како Amazon, Google, Apple и Facebook дека се обидуваат да ги намалат даноците, пренасочувајќи го профитот во земји со ниски даночни стапки, како што се Луксембург и Ирска.

Помалите држави во ЕУ, како Луксембург или Малта, тврдат дека ваквиот потег на ЕУ во областа на корпоративната даночна реформа ќе им наштети на економиите и ќе ги фаворизира конкурентите.

Земјите од Европската унија во периодот од 2013 до 2015 година заради поволните даночни аранжмани на Гугл и Фејсбук, изгубиле околу 5,4 милијарди евра, се наведува во извештајот на Европската комисија од минатата година.

Од Европската комисија порачуваат дека граѓаните мораат да ги подобрат своите дигитални вештини за да се намали невработеноста и со цел Европа да креира сопствен дигитален гигант.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365