Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ја најавува „45-та Годишна завршна изложба на ФЛУ“, што ќе се одржи на 29 и 30 мај 2025 година, во просториите на факултетот на кампус „Педагошка“ и во културно-историскиот објект Сули ан.
Изложбата претставува кулминација на академската 2024/2025 година, на која публиката ќе има можност да види селекција на уметнички дела од сите студенти на ФЛУ – од сите четири студиски години и од сите насоки: Сликарство, Скулптура, Графика и Ликовна педагогија, и од изборните предмети како сценографија, графички дизајн, фотографија, конзервација и реставрација, и други.
Програмата вклучува изложби во сите ателјеа и галерии на ФЛУ – во трите објекти „Педагошка“, Ателјеата за скулптура и Сули ан. Во Галерија ФЛУ ќе биде поставена изложбата на наградените студенти од четврта година, додека во Галеријата „Д.А. – Гуте“ во Сули ан ќе има изложба на студентска графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“.
Настанот е отворен за јавноста и претставува одлична можност да се запознае работата, креативноста и иновативноста на младите уметници.
Програма на настанот:
29 мај (четврток) – Кампус „Педагошка“
20:00 – Галерија ФЛУ: Доделување на сертификати за учество во работилници и летна школа
20:30 – 22:00 – Изложби во сите ателјеа и галерија на ФЛУ и Ателјеа за скулптура
21:00 – 24:00 – Забава со DJ Зијан во паркот пред Ателјеата за скулптура
30 мај (петок) – Сули ан
19:00 – Музички настап на студенти од ФЛУ и групата „Калико“
20:00 – Доделување на дипломи за најуспешни студенти од 4. година
20:30 – 22:00 – Изложби во сите ателјеа и галерија на ФЛУ во Сули ан
20:30 – 24:00 – Забава со DJ Гоце на партерот во Сули ан