Филмот “House of Gucci” за италијанската фамилија Гучи и нивниот моден бренд е еден од најисчекуваните оваа година. Меѓутоа, се чини дека самата фамилија и не е многу воодушевена од него.
Уште порано годинава, тие го обвинија режисерот Ридли Скот дека „го украл идентитетот на фамилијата за да направи профит“. Сега, откако филмот се појави во кино-салите низ светот, фамилијата упати уште една критика.
Според нив, начинот на кој филмот ја прикажува Патриција Реџини, сопругата на тогашниот наследник Маурицио Гучи, е неправедна.
Во писмо пренесено од италијанската новинска агенција ANSA, фамилијата Гучи ги осудува „попустливите тонови изразени во однос на жена која е осудена дека била поттикнувач на убиството на Маурицио Гучи, и тоа не само во филмот, туку и во изјавите на членовите на актерската екипа, претставувајќи ја како жртва која се обидува да преживее во некаква машка шовинистичка корпоративна култура“.
Фамилијата во писмото додава дека нивната модна куќа била „инклузивна компанија“, посочувајќи примери на жени кои држеле извршни позиции во компанијата уште во 1980-те.
„Фамилијата Гучи го задржува правото да ја преземе секоја иницијатива (неопходна) за да ги заштити своето име и имиџ и оние на своите најблиски“, се заклучува во писмото.
Претставници на продукцискиот тим на филмот сé уште немаат одговорено во однос на нападите од страна на фамилијата Гучи.