Според најновите промени во политиката на приватност, технолошкиот гигант Фејсбук ќе ги оневозможи огласувачите да им прикажуваат таргетирани реклами на корисниците на возраст од 13 до 18 години, и тоа на платформите Фејсбук, Инстаграм и Месинџер. Кога тие ќе наполнат 18 години, ќе добијат известување со информации за системот на таргетирање.
Покрај оваа промена, компанијата исто така одлучи дека сите новосоздадени профили на лица под 16 години, или под 18 во некои држави, ќе бидат автоматски „приватни“ (т.е. private accounts). Сепак, ќе постои можност за младите корисници да ги направат своите профили јавни доколку така одлучат.
Постоечките јавни профили кои припаѓаат на споменатата возрасна група ќе добијат автоматска нотификација која ќе им понуди можност да ги трансформираат своите профили во „приватни“, заедно со објаснување зошто таа опција би била подобра.
„Сакаме тие лесно да можат да создаваат нови пријателства и да ги следат своите интереси, но не сакаме да се соочуваат со несакани директни пораки или коментари од непознати лица. Сметаме дека приватните профили се вистинскиот избор за младите луѓе, но препознаваме дека некои млади креатори ќе сакаат да ги направат своите профили јавни за да соберат повеќе следбеници“, се наведува во соопштението на компанијата.
Фејсбук со помош на својот систем ќе ги им ја отежни можноста на „потенцијално сомнителни профили“ да пронаоѓаат млади корисници. Исто така, системот на вештачка интелигенција ќе „лови“ профили на млади корисници кои лажат за својата вистинска возраст, отстранувајќи ги оние под минимално-бараните 13 години.
Се наговестува дека во иднина ќе следуваат и дополнителни промени во оваа насока, а можеби и целосно нова платформа наменета за деца.